Контролата на остварувањето на обврската за впишување на податоците во електронскиот дневник да се остварува на неделна основа, а не на дневна, а санкциите за неводење на електронски дневник да се намалат. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за просветен инспекторат, што ги усвои Владата на минатата седница.
Портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев на денешната прес-конференција информира дека измените кои што се утврдени со предлог-законот се резултат на социјалниот дијалог помеѓу Владата, Министерството за образование и наука и Синдикатот на просветните работници, а се на предлог на Синдикатот, пренесува МИА.
Со претходните законски решенија наставничкиот кадар во основните и средните училишта имаше обврска за водење на електронскиот дневник на дневна основа, а исто така и контролата за остварување на оваа обврска беше предвидена на секојдневна основа.
Во однос на законските санкции пак, Ѓоргиев појасни дека тие досега се изрекуваа по различни основи за наставникот и изнесуваа околу 1.000 евра за невнесување на податок на дневна основа. Со новите измени оваа законска санкција е дефинирана во еден член и изнесува 300 евра и тоа за непотполнување на податоци за една недела.