„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите – 18 мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
По тој повод, Министерството за култура информира дека утре, влезот во сите музеи во земјава ќе биде бесплатен за посетителите.
„Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени“, се вели во соопштението на Министерството за култура.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е востановен од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ со седиште во Париз.