Утре дискусија со студенти „To be or not to be… студент во Македонија?“

Месечните трошоци на студентите во Северна Македонија достигнуваат повеќе илјадници денари, вклучувајќи ги високите цени за образование, сместување, патување, храна и други потреби. Анализата направена од Форумот за образовни промени, покажува дека просечните трошоци за еден семестар само за студентите на Економскиот факултет при УКИМ ги чини 81.335 денари или 1.317 евра, објави агенцијата Мета.мк.

Во септември Meта.мк направи една анализа на трошоците на студентите за зимскиот семестар на државните универзитети. Студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје од оваа академска година се соочуваат со зголемени дополнителни трошоци поради зголемувањето на партиципацијата, односно зголемување на трошоците за студирање.

Најтешко им е на тие студенти кои се од другите градови, а кои мора да патуваат до Скопје. На пример, студентите по медицина при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ со кои разговараше Portalb.mk се жалат дека не можат да ги покријат трошоците за патување. И покрај помошта од државата, студентите бараат повеќе олеснувања бидејќи, според нив, досегашните мерки не се доволни.

Прашањата за тоа како да им се олесни животот на студентите, како да се подобри студентскиот стандард и кои се можните решенија посебно за проблемот со превозот, ќе се отворат на панел дискусијата која ќе се одржи во четврток на 12 декември, со почеток во 12:00 часот, онлајн на ЗООМ.

Линк: https://us06web.zoom.us/j/82417677389

Панелот ќе се одржи на македонски јазик со превод на албански јазик.

На настанот ќе говорат студентките Марија Јовановска и Милена Глигорова, Шевал Зиза претставник од Националното студентско тело и Викторија Постоловска од Форумот за образовни промени.

Настанот е организиран од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“ во рамки на која функционира порталот Порталб заедно со Здружението на граѓани „Форум за Образовни Промени“.

Панелот е отворен за сите студенти, новинари, заинтересирани граѓани, здруженија, невладини организации и други субјекти. Настанот ќе биде емитуван во живо на Фејбук на страниците на организаторите.

Мета