Утре (10 јуни) во 11 часот е закажана пленарна седница на Собранието на Република Македонија, на која на дневен ред е ставен и предлог-законот за прекинување на бременоста. По тој повод, граѓанските организации, предводени од ХЕРА, организираат нов протест пред Собранието.
„Министерот за здравство Никола Тодоров како овластен предлагач, по расправите во собраниските комисии, направи измени во текстот на предлог законот. Но, и со овие измени министерот само повторно ги изманипулира жените, стручнатата јавност и граѓанскиот сектор. Единственото нешто кое беше тргнато од законот е информирањето на брачниот другар. Но, во законот останаа задолжителното поднесување на барање, чија форма ја одредува , министерот за здравство, задолжителното советување и задолжителното чекање од три дена“, се вели во најавата на протестот.
Граѓанските организации ги повикуваат сите оние кои не дозволуваат министерот и мнозинството во Собранието да се ценкаат со женските права, да дојдат пред Собранието и да го искажаат својот протест кон оваа, како што велат, недемократска постапка. Се повикуваат и медиумите, за да им се престават измените на законот, како и следните чекори кои што ќе бидат преземени доколку овој закон сепак биде изгласан.