На 02 јули, во 10 часот пред Основен Суд Скопје 1, членовите на „Зелена алтернатива“ организираат мирен протест против бесмисленоста на законот кој пациентите што користат масло од канбис за лек ги третира како криминалци како и за слобода за Филип Достовски, основачот на движењето и гласноговорник за ефектите на канабисот.
„Зелена алтернатива“ е со став дека нема ниту подобар ниту посoодветен момент да се застане пред институциите и да се побара декриминализација и легализација на растението за кое, посочуваат дека и науката вели дека може само да помогне, но никако да наштети. Канабисот е лековито растение, кое на илјадници граѓани во Македонија им го продолжува животот, но и на стотици им го загрозува поради строгите и неоправдани законски регулативи, забележуваат од „Зелена алтернатива“ . Законот , додаваат, не прави дистинкција помеѓу дилер и пациент и вели дека секој граѓанин во РМ кој избрал да се лечи со канабис е криминалец и е во опасност да биде кривично гонет.
„На 2 јули ќе му се суди на Филип Достовски, основач и претседател на здружението Зелена Алтернатива, кое повеќе од четири години активно учествува во ширењето на знаењето и подигањето на свеста за придобивките од користењето на канабисот како храна и лек, преку организирање советувања, семинари, дебати и јавни настани во Македонија. Зелена Алтернатива е со став дека нема никаква етичка логика да се осудува човек заради кој толку животи се спасени. Филип не е дилер, Филип несебично се бори сите ние да се лекуваме поуспешно, Филип е едукатор заради кој сите научивме како да си го сочуваме здравјето, а неброени се случаите каде токму Филип бил разликата меѓу живот и смрт“, велат од „Зелена алтернатива“ .
Тие ги повикуваат сите оние кои ја поддржуваат иницијативата во понеделник да дојдат пред Судот, да заедно да го прослават роденденот на Филип и гласно да побараат слобода за него и „запирање на бесмисленоста на неговиот судски процес, затоа што “утре“ на негово место може да биде било кој од нас и нашите најблиски“.