Повеќе здруженија за заштита на животните за утре на пладне повикуваат на масовен протест, со цел сите заедно да упатат барања конечно да започне примената на хумани методи за бездомните животни. Односно, трајно решение на проблемот – секое животно да има дом.
Протестниот марш започнува пред Собрание, а потоа насобраниот народ ќе се движи кон Влада и Град Скопје.
Според здруженијата, постои инстутиционална краткогледост и осуда на „Залови-стерилизирај-врати“, програма која велат дека никогаш не била спроведена квалитетно и во целост.
„Темпото на работа на нашите стационари нема никогаш да ја стигне природната прогресија на уличните животни, особено ако не се применат и другите мерки што со години наназад ги предлагаме. Ние, граѓаните и членовите на сите здруженија на територијата на РМ, викаме доста е со третирање на симптомите!“, стои во повикот.
Потенцираат дека бездомните животни во Македонија би се ставиле под контрола во период од само неколку години, но исклучиво ако во секој град/општина стационарите се под раководство на активисти за заштита на животни, со задржано финансирање од градот/општината. Потоа, контрола би имало ако се изработи ако се комплетира Регистарот на сопственици на миленици и Правилникот за одгледувачници.
Исто така, ако се изработи Регистар на одгледувачници кои ќе плаќаат уредно данок со што ќе се спречи да работат на црно, притоа зголемувајќи го бројот на бездомни животни во градот.
„Потоа, ако се спроведува ригорозен инспекциски надзор со највисоки казни за секој нерегистриран или напуштен миленик. Контрола би имало ако Градот/општината преку Советот усвои одлука за оданочување на сопственици со репродуктивно способни миленици. Ако градот/општината преку Советот усвои одука за субвенционирање на сопственици кои сакаат да го стерилизираат/кастрираат својот миленик. Министерството за образование и наука, во соработка со АХВ, градот, сите општини и останатите поврзани институции спроведе масовна едукација во двете задолжителни нивоа на образование за одговорно сопствеништво и вдомување наспроти купување миленик“, соопштуваат здруженијата, потенцирајќи дека „Вардариште не е нашето лице“.
„Излези на маршот за поддршка на единствената хумана програма што дава успех, излези за животните!“, стои во повикот за утрешниот протест.