Здружението за едукативен развој „Еквалис“ за утре, понеделник 30 декември, од 12 часот иницира протест за солидарност со граѓан(к)ите на Србија, кој ќе се одржи пред Амбасадата на Србија во Скопје.
„’Еквалис’ го организира овој протест за да испрати силна порака на поддршка и поттик за истрајност кон храбриот српски народ кој со длабока посветеност сака одлучно да го симне авторитарниот режим и да побара политичка одговорност за случајот со срушувањето на настрешницата во Нови Сад во којшто беа убиени 15 луѓе, меѓу кои и еден македонски граѓанин. Ги покануваме граѓан(к)ите, студент(к)ите, младите, но и воопшто сите коишто сметаат дека, иако крајот на оваа година се ближи, не смееме да ги заборавиме оние коишто и покрај тоа продолжуваат да живеат во заробена држава“, стои во повикот за протестот.
Од „Еквалис“ посочуваат дека на овој протест солидарно ќе им дадат поддршка на студент(к)ите во Србија кои ги окупираат факултетите и пробуваат, како што велат, да ја ослободат својата држава на најавтентичниот начин на којшто младите може да го направат тоа.
„Како држава којашто во своето демократско растење се има ослободено од авторитарноста преку Студентските пленуми, окупациите на факултетите и прогласувањето на факултетски автономни зони, нам, овој чекор не ни е непознат и нов и знаеме колку посветеност, храброст и истрајност се потребни да се застане на ваков начин во одбрана на својата држава. Во таа чест ќе го прочитаме говорот и обраќањето на студентот Бошко Ристиќ од Нови Сад. Говорот ќе биде прочитан од страна не неколку студент(к)и од Скопје“, се вели во повикот за протестот.
„Еквалис“ посочува дека со овој протест се приклучуваат кон барањата на студент(к)ите од Нови Сад, односно за објавување на комплетната документација поврзана со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
View this post on Instagram
Исто така, за кривично гонење и спроведување на кривични постапки против правните и физички лица одговорни за рушењето на настрешницата во Нови Сад, во согласност со законот. Понатаму, барање за оставки и утврдување кривична одговорност на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
„(Барање за) кривично гонење и спроведување на кривични постапки против сите лица одговорни за напади врз учениц(чк)ите, студент(к)ите и граѓан(к)ите вклучените во мирните демонстрации. (Барање за) кривично гонење и спроведување на кривични постапки против полициските службеници одговорни за нападите и нанесување повреди на Илија Костиќ“, велат од „Еквалис“.
Инаку, Радио МОФ изминатиов период на повеќе пати пишуваше за состојбите во Србија. Студенти и активисти за нашиот медиум раскажаа како над 80 факултети и средни училишта повеќе од еден месец се блокирани, а бројката секојдневно расте. Блокадите започнаа по нападот на студенти и новинари кои пред Факултетот за драмски уметности во Белград оддаваа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 луѓе, од кои еден е Македонец. Ова се случи на 22 ноември и оттогаш се интензивираа и секојдневните улични протести. Демонстрантите и медиумите тврдат дека владејачката партија испраќа „батинаши“ (тепачи) кои намерно предизвикуваат инциденти на протестите, а за кои се наведува дека се и носители на јавни функции. Истовремено, студентите и активистите се организираат со разни протестни акции, иницијативи, блокади, алтернативни предавања и методи… Се’ со цел, како што велат, да се зајакнува истрајноста и борбата за исполнување на нивните барања.
„Борба за правда во земја без правда“: Како течат студентските блокади во Србија