Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) утре (18 октомври) во 20:00 часот во просториите на мултимедијалниот објект „Мала станица“ ќе ја отвори годишната изложба.
„Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставува голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес“, пишува во најавата за изложбата во која со свои дела ќе се претстават 55 автори.
Од ДЛУМ информираат дека избраните дела се без критериум за селективност, а делата припаѓаат во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура.