Во пресрет на интернационалниот ден на трудот, во Социјалниот центар „Дуња“ утре (27 април) со почеток од 19 часот ќе се одржи трибина „Работнички или граѓански протести и борба?“.
Како гости се најавени Мариглен Демири- штрајкувач, потоа Александар Атевиќ од марксистичка организација „Црвени“, но и Марјан Ристески – претседател на Конфедерација на синдикални организации на Македонија.
Модератор на настанот е Џејлан Велиу од „Социјалистичка зора“ и С.Ц „Дуња“.
Организаторите велат дека низ дискусија, а преку искуството на говорниците, ќе се обидат да дадат одговор на прашањето кои протести можат да доведат до системски промени, синдикалните или граѓанските протести?
„Економската криза предизвикана од низа фактори, значително го влоши животниот стандард на народот. Зголемувањето на цените на храната, горивата и режиските трошоци, дополнително ги втурнаа работниците во бездна на сиромаштијата. Властите пробаа оваа состојба да ја неутрализираат преку зголемувањето на минималната плата од 15.200 денари на 18.000 денари. Сепак, најголем број од работниците нема да ги почувствуваат бенефитите од зголемувањето на износот на минималната плата, без соодветно линеарно или скалесто покачување на платите“, стои во најавата за трибината.
Оваа состојба, велат организаторите, ги раздвижи синдикатите кои очигледно се соочија со лимитите на т.н социјален дијалог, поради што одржаа протести и генерални штрајкови во одделни дејности, кои ги опфаќаат вработените во јавниот сектор.
„Состојбата во приватниот сектор не е подобра, иако во моментот нема најави за штрајкови. Причината за тоа е дека најголем дел од работниците не се ниту синдикално организирани, поради што оневозможен им е отпорот преку протест или генерален штрајк во рамки на нивната дејност. Во изминатите 10 години се случија низа на граѓански протести, кои доведоа до извесни политички помени, но кои воопшто не го подобрија животниот стандард на работниците. Изминатите два месеци сме сведоци на т.н пролетно синдикално будење преку различни изблици на протести и генерален штрајк во образованието“, се вели во најавата за трибината.