Утре започнува аплицирањето за нови студентски стипендии и доставата на документи за продолжување на тековните корисници

Министерството за образование и наука информира дека од утре започнува пријавувањето за остварување на правото на студентска стипендија, а согласно условите и критериумите наведени во конкурсот за академската 2021-2022 година кој е објавен на следниот линк. Крајниот рок за аплицирање е 15 октомври 2021 година.

Оттаму нагласуваат дека од оваа година, постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk , со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото.

„Студентите кои немаат можност да аплицираат електронски, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација во Министерството за образование и наука“, дополнуваат од МОН, истакнувајќи дека за најголем дел од категориите на студентски стипендии месечните износи се зголемени, некаде и за над 80%.

Од утре ќе започне и поднесувањето на документи за продолжување на правото на стипендија стекнато во некоја од изминатите академски години, за што секој корисник кој ги исполнува условите од договорот потпишан со МОН.

„Корисниците доставуваат потврда за запишан нареден семестар, односно година на студирање и уверение/потврда за предвидени и положени испити со успех од претходните години и индекс на увид, како докази дека има положено 80% односно 90% од предвидените испити. Доставата на документите се врши електронски преку http://e-uslugi.mon.gov.mk , а доколку студентот нема можност, истите ги доставува хартиено до МОН“, велат од надлежното министерство.

Крајниот рок за доставување на документите е 30 октомври, а сите кои ќе аплицираат можат да побараат поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард.