Второто издание на фестивалот за дебитантски филмови „Киненова“ започнува утре во кино „Милениум“ со проекција на филмот „Мажите не плачат“, на босанскиот дебитант Ален Дрљевиќ, психодрама која говори за поствоената траума. На отворањето на фестивалот присутните ќе имаат можност да ја проследат и скопската премиера на „Крајот на времето“, најновиот наградуван краток филм на Милчо Манчевски , 5-минутно експериментално дело.
Жарко Лаушевиќ, кој во улога на специјален гостин, утре вечер пред почетокот на проекциите ќе добие Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност.
„Ми претставува огромна чест што по толку години сум во Македонија и тоа за еден ваков повод како што е фестивалот. Последен пат бев овде во 1999 година, непосредно по бомбардирањето и еве ме сега повторно меѓу вас. Она по што се сеќавам на вашата земја е пријателството и прекрасната соработка со Унковски, Милчин, и со многу други драги колеги, кои некои од нив, за жал, не се повеќе меѓу живите. Но, она што секогаш ќе ми остане во сеќавање е вашето гостопримство и прекрасните моменти поминати овде. Поводот за кој сум дојден ми причинува огромна чест. Наградите годат и ме потсеќаат на обврската дека уметноста мора да трае“, изјави Лаушевиќ за време на пресот.
Исто како и минатата година, и оваа програмски директор задолжен за изборот на филмовите е Марина Костова.
„Во конкуренцијата за награди имаме 10 одлични филмови од 10 нови авторски гласови кои допрва ќе се слушаат. Иако жанровски различни, сосем случајно испадна темата пострауматска состојба да биде нишка која на некој начин ги поврзува сите филмови во конкуренцијата за награди, што, пак, е сосем соодветно на нашава актуелна стварност. За тоа не бев свесна сѐ додека не се склопи селекцијата, и кога ја погледнав како целина сфатив дека има задничка нишка, но се разбира тоа не е главна одредница“, рече таа.
Посетителите на располагање имаат 6 квалитетни фестивалски денови на кои ќе имаат можност да проследат богата програма со филмови од цел свет кои се прв и втор долгометражен филм на режисерот. Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет.
Дополнителни, ревијални програми на фестивалот се: Панорама на светската независна филмска продукција; Кино Балкан; Фокус на; Македонски кратки и еден новитет програмата 0% Цензурирано, за која организаторите најавуваат дека ќе биде голема провокација за гледачите.
Целата програма на фестивалот можете да ја погледнете на следниот линк .
„Она што е куриозитет и интересно во врска со програмта е дека ова се многу нови филмови, кои ја доживеаа својата премиера пред неколку месеци, и додека беа во процес на селекција кај нас, во меѓувреме во своите земји, некои од нив, станаа и кандидати за Оскар за најдобар странски филм – како „Лето 1993“ и „Мажите не плачат““, вели Костова.
Фестивалот е од награден карактер и за секоја од наградите директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ изјави дека се обезбедени и соодветни парични награди и тоа за најдобар долгометражен филм 1.500 евра, најдобар краткометражен филм 500 евра и онаа за најдобар македонски краток филм 200 евра.
На чело на жирито годинава е легендарниот режисер Горан Марковиќ од Србија, од Турција доаѓа Хулија Учансу, професорка и прва директорка на Истанбулскиот фестивал во чие време тој порасна во еден од најголемите во Европа, нашата актерка и професорка Синоличка Трпкова е исто дел од жирито, како и хрватскиот актер Игор Гало.
Кино проекциите ќе одат во киното Синеплекс, Кино Култура, Кинотека на Македонија и Кино Милениум. Билетите ќе чинат по 100 денари во Кино Култура и Кинотека на Македонија, а по 150 денари во Синеплекс, со повеќе опции и попусти за блок набавка.