Утре започнува новата учебна 2024/2025 година за сите ученици во основното и средното образование, односно за 245 илјади ученици, бројка помала за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.
Оваа година, учениците нема да имаат пролетен распуст, по спроведената анкета помеѓу наставниците, родителите и учениците кои мнозински се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе започне на 31 декември, а ќе заврши на 19 јануари.
Во 140 училишта пак, од оваа година ќе се одвива едносменска настава, за која како што посочи министерката за образование и наука Весна Јаневска, како Влада се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.
Истовремено, Јаневска истакна дека за прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници.
„Сите учебници кои се одобрени и испечатени, во овие 60 дена се веќе испорачани во тираж од 360 илјади примероци“, рече Јаневска.
Единствено во основното образование ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто, поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае. Министерката најави дека по завршување на жалбениот процес, постапката ќе биде повторно спроведена, транспарентно и согласно сите законски процеси.
„Во делот на средното образование, затекнавме состојба на испечатени само 15 наслови за средно стручно образование во минатата година, а ние сега печатиме над 100 учебници кои досега не биле печатени. Сакам и да информирам дека отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми во гимназиско образование и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на истите ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници“, рече министерката за образование и наука.
Јаневска додаде дека имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена во седмо, осмо и деветто одделение, првенствено поради, како што рече, револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.
„Во моментов ги консултираме наставниците и сите нивни забелешки ќе бидат интегрирани во новите програми што ќе ги подготви БРО и етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025та-2026та, ќе се воведуваат во училиштата. Ќе се навратиме и на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи и таму ситуацијата е идентична“, истакна Јаневска.
Учебната година ќе трае до 10 јуни.