Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дискриминација од основното училиште „Единство“ од Гостивар, кое изминатиов период влезе во фокусот на јавноста откако група родители преку петиција ја бојкотираа наставата, барајќи нивните деца да не учат заедно со четвртооделенката со Даунов синдром, Ембла Адеми. Школото има 30 денови да постапи по препораките на Антидискриминаторската комисија, во спротивно ќе биде поднесено барање за покренување прекршочна постапка пред суд.
КСЗД за Радио МОФ информира дека уште на 3 февруари отворило постапка по службена должност, по што се сретнале со в.д директорот на училиштето, наставничките, стручните соработници, образовната асистентка како и родителки на соученици на ученичката.
Исто така, меѓувреме се сретнале и со повеќе различни стручни служби што работат на инклузивните процеси, но направиле и ненајавен увид во школото на Ембла.
„Се утврдува сегрегација и исклучување врз основа на попреченост извршена од ООУ ‘Единство’ од Гостивар, извршена со неоправдано и нелегитимно физичко одделување на дискриминираната од останатите ученици во посебна просторија, изолирана од учениците без попреченост, по основ на нејзините посебни образовни потреби, што резултирало со исклучување, односно оневозможување на нејзиното право на пристап до образовниот процес врз еднаква основа со другите“, стои во мислењето на КСЗД за случајот.
Понатаму, Комисијата утврдила директна продолжена дискриминација од школото извршена со неприспособување на училишната структура, во смисла на обезбедување на ресурсно-сензорна просторија опремена со соодветна асистивна технологија, што резултирало со оневозможување на пристап до образование врз еднаква основа со другите, по основ на попреченост и посебни образовни потреби.
„Се утврдува повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз основа на попреченост и здравствена состојба извршена од страна на единаесет родителки на соученици на дискриминираната, со потпишување на петиција за отстранување на ученичката од редовната настава и вршење бојкот на наставата со непуштање на своите деца на училиште додека не се оствари нивното ултимативно барање, што резултирало со сегрегација на ученичката по основ на попреченост и посебни образовни потреби“, се вели во мислењето на Антидистриминаторска комисија.
Комисијата има и препораки до школото.
„Единство“ треба да обезбеди услови за непречено одвивање на образовниот процес на ученичката во иста паралелка со нејзините соученици, врз еднаква основа со другите и да спречи каква било форма на исклучување и сегрегација на Ембла од воспитно-образовниот процес во иднина.
„Се препорачува, училиштето, во согласност со Концепцијата за инклузивно образование и Развојната програма на училиштето, во соработка со училишниот инклузивен тим, да изработи акциски план, одобрен од ресурсниот центар, во кој детално ќе бидат прецизирани мерките, активностите и роковите за обезбедување соодветна ресурсно-сензорна просторија опремена со асистивна технологија, приспособена на ПОП на ученичката, во рок од 30 дена од приемот на Мислењето.
Се препорачува, училиштето да побара од Ресурсниот центар да одржи задолжителна обука на наставниците и стручните работници за инклузивните принципи и начинот на користењето на средствата на асистивна технологија приспособена на ПОП на ученичката во рок од 30 дена од приемот на Мислењето.
Се препорачува, директорот на училиштето во соработка со училишниот инклузивен тим и советот на родители да организира состанок со родителките-потписнички на Петицијата на кој ќе им ги предочат принципите и задолжителната примена на Концепцијата за инклузивно образование и законската забрана за повикување, поттикнување и давање инструкции за дискриминација што го извршиле со бојкотот на наставата и потпишувањето на Петицијата во која барале нејзино сегрегирање од образовниот процес, во рок од 30 дена од приемот на Мислењето“, велат од Комисијата.
Доколку оние на кои се упатени препораките не постапат во рок од 30 дена, Комисијата ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.
„Ако подносителот на претставката одлучи сам да бара заштита од надлежен суд, Мислењето од КСЗД ќе му послужи како доказен материјал“, соопштуваат од КСЗД.