Владата на Република Северна Македонија на вчерашната редовна седница утврди текстови на три предлози на закони меѓу кои и Предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи.
Од Владата соопштија дека овие одредби се усогласуваат со директиви на Европската Унија и европското право.
Покрај намалување на ДДВ-то од 18% на 5% на менструални производи со цел поттик за поголема заштита и хигиена кај одредена група граѓани, со одредбите треба да се намали и даночната стапка за дигиталните учебници, да се зголеми стапката на ДДВ од 5% на 10% на производи за човечка исхрана коишто не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана и да се зголеми даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5% на редовната стапка од 18%.
Намалувањето на стапката на ДДВ за производите наменети за менструална хигиена, премиерот Димитар Ковачевски на иницијатива на пратениците од граѓанскиот сектор, го најави во декември минатата година.
Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и Реактор – истражување во акција во 2021 година го спроведоа истражувањето „Менструална правда“ во кое 98% од 2.696 анкетирани се изјасниле дека ќе поддржат ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка на менструалните производи.
Намалувањето на ДДВ-то на розовиот данок доаѓа во период на менструална сиромаштија кога според студијата „Менструална правда“ речиси секоја трета жена барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи и хартија.
(Не)успешни иницијативи за бесплатни менструални производи во време на менструална сиромаштија