Узурпирањето јавни површини ги обедини граѓанските иницијативи

Паркот на улица „Букурешка“ во Тафталиџе, кој жителите веќе неколку месеци го бранат од уништување, беше симболично собирно место на кое повеќе независни граѓански иницијативи дискутираа за подобра организираност и мобилизација во борба за заштита на јавните површини.

„Додека сите овие иницијативи се зафатени водејќи ги своите битки има многу мала комуникација, поддршка едни со други и солидарност. Целта е да разговараме за различните стратегии на отпор применети од иницијативите, размена на искуства и дискусија како понатаму во овие битки. Да зборуваме за некој механизам на вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво за урбанистичко планирање и градба – како да издејствуваме жителите да бидат консултирани за тоа“, рече Клементина Ристовска од левичарското движење Солидарност.

inicijativi-za-javni-prostori-1

Елена Николовска од ОхридSOS рече дека присуствуваат на собирот бидејќи сите иницијативи се борат за исти цели – заштита на природата и зеленилото. Таа смета дека е добра идеја заедно да се делува и институционално и на улица.

„Потребна е упорност. Никогаш не се откажавме и нема да се откажеме. Продолжуваме да реагираме во институциите, да учествуваме на сите јавни расправи и важна е поддршката на граѓаните. Токму затоа граѓанските иницијативи имаат поголема успешност од било која невладина организација или институција, бидејќи со овие иницијативи самите граѓани си го кажуваат своето мислење и нема ништо повредно од тоа“, изјави Николовска.

„Гледаме еден наплив на капитал кој сака да го узурпира просторот и да ги задуши граѓаните“, објаснува Ѓорѓи Пулевски од иницијативата „Битола не е на продажба“. Тој смета дека би било добро иницијативите да делуваат обединето со заедничка платформа, за да можат да направат повеќе политички измени и да ја притиснат секоја власт да внимава што ќе прави со јавниот простор.

Ги посочува герила-акциите како еден вид на реакција кон центрите на моќ.

„Кога влегуваме во отворен дијалог со властите за еден легалистички начин, се амортизира енергијата и се десеткува нашата почетна позиција во натамошниот процес. Можеби герила-акциите нема да ја постигнат саканата цел, иако со Офицерскиот дом во Битола се запре продажбата, но многу е битно да се депласираат позициите. Нашиот фокус беше кон нашиот градоначалник – веќе неговиот политички рејтинг се депласира. Кога се смееш некому и на потсвесно ниво се ослободува стравот и се испушта енергија која веќе нема да го гледа исто тој човек, симбол на статус и моќ. Токму затоа сметам дека герила-акциите треба да продолжат за да се раситнат тие позиции на моќ“, истакна Пулевски.

Собирот сепак се одржуваше без поголемо присуство на жителите од околните згради на улица „Букурешка“.