„Со многу љубов и пот со нашите другари направивме концертен филм, лајв албум, 50-минутен спот, не знаеме ни ние што е, ама мислиме ќе ви се допадне“.
Вака дечките од составот „Корпорација Вагина“ (Vagina Corporation) го најавуваат нивниот нов концертен филм „Дали е ова живо?“, кој на 11 февруари, недела, ќе биде прикажан во Кинотеката на Македонија.
Откако „Корпорација Вагина“ стартуваше како соло проект на Лука Јованоски, млад музичар кој со своите другари е дел од новиот бран независна музичка сцена, сега во бендот се четворица момци со енергија што продира низ стилски и жанровски предели, но секогаш со предзнак: рокенрол.
Таа енергија, тој сиров рокенрол став го внесуваат во новиот музичко-видео формат, со кој ја повикуваат публиката да им се придружи и да се „изгуби“ во нивниот свет.
View this post on Instagram
„Лука сам ги имаше снимено инструментите на песните, пример, бубањот беше семплиран, или испрограмиран и слично… Па, лани доби желба да ги свири во живо. Не’ викна тројцата и бидна прва свирка на ‘Земјотрес’, можеби една од омилените, каде имаше убава енергија, па оттогаш тргна целата работа… Како што ги свиревме песните, тие добија нов живот, нова динамика, елементи, се проширија аранжманите. Се претворија во ново ‘чудовиште’! Затоа сакавме некако да ги одбележиме новите верзии“, раскажува басистот Борјан Гаговски, кој му се придружи на Лука Јовановски заедно со Дарио Циевски на тапани и Филип Павловски на гитара и ефекти.
Гаговски за Радио МОФ вели дека размислувале да направат нешто во живо, но, ако веќе тоа го прават – да направат и видео. Практично, да го одбележат нивното „лајв шоу“, да биде поинаква приказна од онаа со песните на претходните албуми.
„Прво се мислевме да снимаме само во студио кај Ивица Јанкуловски – Штраф. Ама, најјакото беше што Штраф не’ убедуваше: ‘Дечки, може да биде во студио, ама нема да изгледа убаво, ќе биде медиокритетно’. Значи, радио-продуцентот не’ убедуваше да не снимаме кај него во студио! Вика: ‘Дај бе некаде на друго место, редеше опции како стационар во Велес… па дојде и идејата за ‘Дали апартментс’. Тоа е најлудиот стан во Скопје, скроз е визуелно одлепен и одговараше на максимализмот на нашата музика. Рековме ‘Мора овде!“, раскажува Гаговски.
Имале два денови за снимање. Одлучиле визуелно да биде впечатливо, така да тераат, да направат мал „свет“ во комбинација видео и музика.
„Исконтактиравме и наши другари. Добивме нови идеи, предлози, додатоци за видеото. Првиот не излегуваше светлото, не се слушаше убаво… Појма немавме дали ќе го довршиме. За потоа да ги снимиме песните во еден ден. Се сеќавам, се ближеше 11 часот, рокот до кога го имавме станот, па неверојатна беше енергијата кога ја завршивме последната тема!“, вели Гаговски.
Тој нагласува дека за фотографијата и режијата на спотот е задолжен Андреј Богатиновски.
Настанот со концертниот филм ќе биде бесплатен, а публиката ќе може да си купи албум.
„Едвај чекаме да ви го покажеме! Сакавме со филмот да направиме свет каде ќе може публиката да се ‘изгуби’ и ужива заедно со нас. И, да ја осети слободата што ние ја чувствувавме“, посочува басистот на „Корпорација Вагина“.
Бојан Шашевски