Вакцинацијата против Ковид-19 во ЕУ почнува на 27 декември

Земјите од Европската Унија ќе започнат со вакцинирање на своите граѓани против коронавирусот на 27-ми декември, потврди претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен.

„Ова е момент на Европа. На 27, 28 и 29 декември вакцинацијата ќе започне низ ЕУ. Заедно ги штитиме нашите граѓани. Заедно сме посилни“, напиша таа на Твитер.

Портпаролот на Европската Унија, пак, информираше дека вакцините ќе почнат да се доставуваат до земјите членки на 26-ти декември.

Оваа одлука доаѓа откако Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека ќе го поместат состанокот на нивниот комитет на 21 декември за да ја завршат нивната проценка за дозвола за употреба на Ковид-19 вакцината која ја развиваа Фајзер и Бионтек.

Од Брисел најавија дека иако ЕУ членките ќе ја добијат вакцината во исто време, секоја од нив треба сама да се организира и координира преку сопствени кампањи за вакцинација.

Европската Комисија досега обезбеди 300 милиони дози од вакцината, што е доволно за вакцинирање на 150 милиони граѓани. Од седиштето на Унијата претходно одличија дека дистрибуцијата на вакцините низ 27-те земји членки ќе биде врз основа на бројот на население и советуваа дека треба да се даде приоритет на одредени категории луѓе поради ограничената количина на дози.

Меѓу приоритетните категории се наоѓаат лицата над 60 години и луѓето со хронични болести, здравствените работници и оние кои работат во домови за стари лица, луѓето кои не можат социјално да се дистанцираат и ранливи социо-економски категории граѓани.