Вакцинацијата против Ковид-19 спречила да се заразат дополнително околу 14.500 луѓе, или 148 на ден во текот на последните три и пол месеци, додека отсуството на вакцинација кумулативно би придонело до дополнителни 4.595 неделни хоспитализации или 328 хоспитализации повеќе на неделно ниво.
Ова го покажуваат податоците во „Кратка анализа на директните економски ефекти од вакцинацијата во Северна Македонија“ на институтот „Фајненс тинк“.
Истовремено, во анализата се посочува дека вакцинацијата ги намалила трошоците за хоспитализација за 170.8 милиони денари, односно 2.8 милиони евра во текот на последните 5 недели од делта бранот.
„Ефектите од вакцинацијата се многубројни, од намалување на притисокот врз здравствените системи до намалување на рестриктивните мерки и придвижување на економскиот и социјалниот живот. Иако мерењето на вкупните ефекти е предизвик, се фокусираме само на директната економска заштеда на државата од вакцинацијата преку намалување на бројот на хоспитализации во текот на последниот (делта) бран. Развиваме интуитивен теоретски модел кој го предвидува бројот на хоспитализации врз основа на два индикатори: бројот на новозаразени и бројот на починати“, стои во анализата на институтот.
Во меѓувреме, тие посочуваат дека го калибрирале моделот со цел минимизирање на грешката во предвидување на реалниот број на хоспитализации до моментот на постигнување значаен процент на вакцинација.
„И го користиме да го предвидиме бројот на хоспитализации во текот на вакцинацијата под претпоставка дека развојот на новите бранови на пандемијата се однесуваат на сличен начин како пред вакцинацијата“, додаваат тие.
Дополнително, преку оваа кратка студија, во анализата се посочува дека на носителите на политиките им препорачува да го забрзаат темпото на вакцинација, воведувајќи стимулативни мерки, посебно во градовите со пониско ниво на вакцинирана популација, со цел да се намали притисокот врз здравствениот систем и јавните финансии.
„Исто така, приватниот сектор да го препознае општествениот бенефит од вакцинацијата и преку стимулативни мерки да ги мотивира своите вработени и клиенти да се вакцинираат. Конечно, новинарите и истражувачите да го зголемат нивото на информираност на популацијата за ефектите од вакцинацијата преку издржани и детални анализи“, стои во анализата.