Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска заклучи дека вакцината на компанијата „АстраЗенека“ е „безбедна и ефикасна“, јавува „Евроњуз“.
Ваквата одлука доаѓа откако агенцијата направи проценка на безбедност за тоа дали постои поврзаност помеѓу вакцината и згрутчувањето на крвта кај примателите, а откако бројни европски земји го запреа процесот на вакцинација, по непотврдените извештаи за зголемената стапка за згрутчување на крвта кај вакцинираните лица.
„Нејзините придобивки во заштитата на луѓето од Ковид-19 со придружните ризици од смрт и хоспитализација ги надминуваат можните ризици“, рече извршната директорка на ЕМА, Емер Кук на прес-конференција.
Сепак, таа посочи дека регулаторот „не може дефинитивно да ја исклучи врската помеѓу случаите на тромб и вакцината“.
По објавата на ЕМА, Италија соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе продолжи со процесот на вакцинација со вакцината на „АстраЗенека“.
Кук исто така посочи дека Комитет за проценка на безбедност ќе продолжи со истрагите.