Вакцината на „АстраЗенека“ нема да се дава на лица помлади од 60 години, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Ваквата одлука доаѓа откако Европската агенција за лекови им препорача на земјите сами да донесат став како ќе ја користат оваа вакцина, а откако се појавија сомнежи за нејзината безбедност.
„Во однос на претпазливост кај тие што веќе добија една доза на вакцина ‘АстраЗенека’, тоа се луѓето кои се вакцинираа со оваа вакцина во Србија, нема никакви препораки за било каква претпазливост, освен да ако имаат некакви симптоми се јават на контрола и преглед кај лекар“, рече Филипче.
Во однос на ревакцината, со оглед на тоа што таа треба да се случи во период од три месеци, Филипче посочи дека засега нема одреден став, додавајќи дека ќе се следат насоките од ЕМА и од другите национални агенции, за во следниот период да се заземе став околу ова прашање.
Европската агенција за лекови вчера соопшти дека открила „можна врска“ помеѓу вакцината на „АстраЗенека“ и „многу ретките случаи“ на згрутчување на крвта. Но, сепак, тие посочија дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците од несакани ефекти.
Со вакцината „АстраЗенека“ досега се вакцинираа лица над 77 години ширум земјава, откако на 28 март пристигнаа 24.000 дози во земјава.
Истовремено пак, во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, во тек е вакцинација на граѓани кои работат во критичната инфраструктура, со вакцината „Спутник“.