Валентина Лисица, Јутјуб ѕвездата на класичната музика, со концерт во Филхармонија

На подиумот на Македонската филхармонија, овој четврток (19 април) во 20 часот, ќе застане украинско-американската пијанистка Валентина Лисица, која се опишува како првата Јутјуб ѕвезда на класичната музика.

Лисица која својот успех на интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов.

Диригент на концертот насловен „Атрактивната Лисица“ е маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а на програмата е и импресивната свита „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски.