Здружението на спортски риболовци од Неготино денеска организираше голема еколошка акција за чистење на брегот на реката Вардар. Поради врнежите од дожд и надојдените води, реката е преплавена со отпад од разни краишта на земјата, а доминираат пластичните шишиња, пренесе порталот Дума.
Рибарите денеска го собираа цврстиот отпад, пластичните шишиња, картонската амбалажа, градежниот отпад и ѓубрето, кое потоа се пакуваше во најлонски вреќи за да биде однесено во депонија. Од Здружението велат дека вакви активности нивното риболовно друштво организира секоја година, каде покрај активните членови учество земаат и младите риболовци.
„ Покрај чувањето на рибниот фонд имаме предвидено неколку акции за зачувување на животната средина за чистење на отпадот кој го носи реката од горните делови. Апелираме до сите граѓани на државата да не фрлаат било каков отпад во реките и езерата и истиот да се носи на определени места за тоа со што ќе помогнеме да се зачува животната средина“, изјави риболовецот Оливер Делов за Дума.