Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија денеска објави конкурс за откуп на фотографии на тема: „Вашиот кадар од Македонија“.
„Целта е да Ве поттикнеме, инспирираме, охрабриме да ја споделите и Вие Вашата приказна преку Вашите најубави и најинспиративни моменти кои сте ги имале во Македонија. Креативноста споделете ја преку Вашите фотографии на најразлични теми: туристички дестинации, активности во природа, гурмански мотиви“, наведуваат од Агенцијата.
Право на учество имаат сите заинтересирани правни и физички лица, жители на Република Македонија согласно утврдените барања на конкурсот.
Фотографиите можат да бидат пејзажни и динамични, од луѓе кои директно вршат активности. Максималниот број на доставени фотографии од учесник е ограничен на 10. Како што се наведува во конкурсот, ќе бидат откупени вкупно 215 фотографии по цена од 1.380 денари бруто по фотографија.
Конкурсот ќе биде отворен до 5-ти декември, а сите информации во врска со аплицирањето се достапни ТУКА.