Васка Бојаџи е новиот Студентски правобранител на УКИМ, апсолвентка на правниот факултет „Јустинијан Први“ и досегашен заменик Студентски правобранител за Правниот факултет. Деновиве беше донесена одлуката, во следниве две години таа да биде лицето од кое студентите ќе бараат да ги штити нивните права и активно да им помага на своите колеги во решавање на можните проблеми. За очекувањата и предизвиците кои доаѓаат со оваа функција, Васка Бојаџи зборува во краткото интервју за Радио МОФ, направено преку Фејсбук.
Пред неколку дена беше објавено дека вие сте новиот студентски правобранител. Што беше пресудно да ја добиете оваа функцијата?
Земајќи предвид дека клучните квалитети кои треба да ги поседува Студентскиот правобранител се солидното правничко знаење и искуство, верувам дека пресудни за мојот избор биле високиот академски успех, вршењето на функцијата заменик студентски правобранител на Правниот факултет во изминатата година и половина, како и едногодишната работа во Комисијата за студентски жалби на УКИМ . Благодарение овие ангажмани детално се запознав со релевантните прописи со кои се гарантирани студентските права, а потоа преку секоја решена претставка се стекнав и со способноста за нивна практична примена. Токму поради овие мои познавања, способности и вештини бев кандидат кој ќе може да одговори на потребите на студентите уште од првиот ден од правобранителскиот мандат.
Што можат да очекуваат студентите од вас, вие сте личноста која треба да ги брани нивните права?
Студентите може да очекуваат дека ќе им бидам достапна во секое време, и дека кон нивните проблеми ќе пристапувам сериозно и професионално. Во случај на костатирана повреда на студентските права, мерките ќе бидат преземени во најбрзо можно време со голема ажурност и мотивираност за успешна разрешница. Приватноста и тајноста на подадоците содржани во претставките ќе биде на највисоко ниво. Одговорноста, непристасноста и објективноста при работата се моите водечки принципи. При секоја поднесена претставка студентите треба да имаат предвид дека помошта ќе им биде укажана од личност која е исто така студент кој добро ги рабира нивните проблеми и со голем ентузијазам ќе се впушти во нивното решавање.
За жал, истражувањата покажуваат дека се уште голем дел од студентите не знаат дека постои институцијата студентски правобранител. На кој начин ќе се промовирате пред студентите?
Досега не сум сретнала релевантно истражување кое се однесува конкретно на запознаеноста на студентите со постоењето и надлежностите на Студентскиот правобранител. Од друга страна, стотиците поднесени претставки укажуваат на тоа дека студентите знаат каде да се обратат кога ќе наидат на проблеми со кои не умеат сами да се справат. Сепак, моја обврска и цел е преземањето информативни и едукативни активности кои уште повеќе ќе ја зголемат запознаеноста на студентите и ќе ги охрабрат да побараат заштита при повредата на нивните права. Во таа насока имам во план на секој факултет редовно да одржувам трибини преку кои и студентите ќе се информираат, а и јас непосредно ќе имам увид во тековните проблеми. Поголемата застапеност во медиумите, вклучително и социјалните медиуми, изработката на сооветни публикации и други промотивни материјали од оваа област, како и многубројните неформални средби со студентите со сигурност ќе придонесат во информираноста за работата на Студентскиот правобранител.
Вашата претходничка на местото студентски правобранител, објавуваше слики на Фејсбук како присуствува на митинг на одредена политичка партија, нешто што е неспоиво со функцијата правобранител. Дали вие сте член на некоја политичка партија и дали се уште сте дел од СПУКМ?
Неспоиво со функцијата Студентски правобранител е вршењето дејност или функција во политичка партија, што беше испочитувано од страна на сите претходни правобранители. Се разбира таа одредба од Правилникот имам обврска да ја почитувам и јас, што значи дека не сум член на ниту една политичка партија. Не сум повеќе активна во Студентскиот парламент, но секако дека како Студентски правобранител ќе ја продолжам добрата соработка со Студентскиот парламент во доменот на промоција и заштита на студентските права.
Студентските проблеми се бројни, па оттука на што ќе се посветите следните две години колку што трае вашиот мандат?
Во центарот на моите заложби ќе биде решавањето на горливите студентски проблеми по институционален пат, преку користењето на моите надлежности, но истовремено зачувување на интегритетот, угледот и квалитетот на нашиот универзитет. Покрај решавањето на тековните проблеми, во преден план ќе ми биде организирањето на споменатите информативни и едукативни активности, како и зголемувањето на достапноста на Студентскиот правобранител преку подобрување на оперативноста на замениците. Воедно ќе работам на мотивирањето на студентите да бидат поодлучни и похрабри во пријавувањето на повредите на нивните права.
Ирена Чаушки