Од денеска почнува доделувањето на ваучери за туризам од 18.000 денари за 1.777 работници со ниски приходи кои ќе може да ги користат од 15 септември до 1 декември.
Според Министерството за економија и труд, оваа мерика предвидена во „Програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи“ ќе им овозможи на лицата со ниски приходи да ги посетат домашните туристички центри и истовремено ќе им се помогне на домашните туристички капацитети да го зголемат обемот на работа надвор од туристичката сезона.
„Решенијата за граѓаните кои аплицирале, ги исполниле условите согласно јавниот повик се потпишани, согласно принципот прв дојден прв услужен. Ваучери за одмор за работници со ниски приходи во домашните туристички капацитети во вредност од 18.000 денари ќе добијат 1.777 лица” соопшти министерот Бесар Дурмиши.
Оттаму додаваат дека по ребалансот на буџетот, за оваа мерка се предвидени вкупно 32 милиони денари.
Листата на корисници на оваа мерка како и хотелите каде ќе може да се користат ваучерите ќе биде објавена на веб страната на Министерството за економија и труд.