Вчера, откако престана да биде на сила полицискиот час кој траеше целиот викенд, граѓаните од Скопје на социјалните мрежи реагираа на преполни контејнери од отпадот кој се собрал претходните два дена.
Од Јавното претпријатие Комунална хигиена – Скопје посочуваат дека проблемот настанал поради тоа што нивните служби работеле само во прва смена. Оттаму соопштија дека изминативе 24 часа собрале и транспортирале речиси 1000 тони отпад на територијата на Градот Скопје и дека празнењето на контејнерите со одвивало и во текот на ноќта.
„Изминатата недела, оперативата на ЈП Комунална хигиена-Скопје дејствуваше само во првата смена, но состојбата на терен покажа дека со активности во една смена не е возможно секојдневно да се подигне и транспортира отпадот од речиси 6000 контејнери поставени во сите скопски општини. Од овие причини, ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува да го собира и транспортира комуналниот отпад во градот Скопје со вообичаената динамика – во три смени, секој ден во неделата, а со оваа динамика екипите на Претпријатието ќе работат и во текот на претстојниот празничен викенд“, соопштија од ЈП Комунална хигиена – Скопје.
Од комуналното претпријатие информираат и дека отпадот од индивидуалните домаќинства ќе продолжат да го собираат со стандардната динамика – два пати во неделата, но апелираат, во овој период, граѓаните да се воздржат од одлагање кабаст, градежен и градинарски отпад во садовите, како и во нивната околина.
„Во текот на денешниот ден, ЈП Комунална хигиена-Скопје во целост ќе ги расчисти и претоварните станици во Вардариште и во Карпош, каде што во текот на изминатата недела беше привремено одлаган комуналниот отпад што поради временскиот лимит Претпријатието не беше во можност веднаш да го транспортира на депонијата – Дрисла“, соопштија од ЈП Комунална хигиена – Скопје.