„Сервисот е привремено недостапен“. Ова е пораката која ќе ја прочитате доколку денеска ја посетите веб-страницата на Електронскиот систем за јавни набавки. Во пораката дополнително се посочува дека сервисот е моментално недостапен поради сериозни технички проблеми и се додава дека по надминување на проблемот, јавноста ќе биде информирана.
„Сите рокови (јавни отворања/крајни рокови/аукции) ќе бидет продолжени соодветно, согласно со Правилникот за начинот на користење на Електронскиот систем за јавни набавки (Сл.Весник на РСМ бр. 64/19 и 271/19)“, стои во пораката на веб-страницата, објавена на македонски и англиски јазик.
Веб-страницата стана недостапна за јавноста во неделата. Исто така, недостапна е и официјалната веб-страница на Бирото за јавни набавки.
На предлог на заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, Владата ги задолжи сите буџетски корисници да ја унапредат транспарентноста во процесот на јавните набавки и да ги објавуваат сите податоци на нивните веб-страници.
Од Владата посочуваат дека сите буџетски корисници и единки корисници, се должни во рок од 30 дена да креираат посебен дел на нивните веб-страници насловен „јавни набавки“. Таму, предвидуваат да се објавуваат годишниот план за јавни набавки, огласи за јавни набавки, известувања за склучени договори, склучени договори, како и известувања за реализирани договори.
„Истовремено, Владата им укажува и на јавните претпријатија основани од државата и на акционерските друштва во државна сопственост, и им препорачува и на општините, како и на јавните претпријатија во општините и градот Скопје да го следат примерот за поголема транспарентност при спроведувањето на јавните набавки“, дополнуваат од Владата.
На овој начин, според вицепремиерката Грковска, јавноста ќе има брз, лесен, едноставен и разбирлив пристап до информациите за начинот на којшто институциите ги трошат буџетските средства преку јавните набавки.
Од Владата посочуваат дека брзата, лесна, едноставна и разбирлива достапност на овие информации за граѓаните ќе ја зголеми отчетноста на институциите и нивната одговорност во јавните трошења, а на граѓаните ќе им овозможи увид како и за што се трошат нивните пари.