Последното рангирање на истражувачкиот шпански центар „Вебометрикс“, покажа дека од македонските државни универзитети, најдобар е „Св. Кирил и Методиј“ кој е на 1.519 место. По него се најде штипскиот универзитет „Гоце Делчев” на 3.491 место, а веднаш по него е Универзитетот на Југоисточна Европа со ранг од 4.648 место. На четврто место од македонските универзитети е битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ кој е на 5.191 место, а на петто место е Државниот тетовски универзитет кој годинава е позициониран на 6.776 место.
Споредено со пред пет години, УКИМ забележува пад за 51 место. Битолскиот тогаш бил на 3.457 место, а сега е 5.191, што значи дека паднал на листата за дури 1.734 места. Универзитетот на ЈИЕ пред пет години бил на 7.580 место, а сега е на 4.648 место, што е скок за дури 2.932 позиции.
Од приватните универзитети, најдобро е рангиран Интернационалниот балкански универзитет кој се најде на 8.660 место, по кој следуваат Универзитетот за информатички науки и технологија во Охрид (9.877), па ФОН Универзитет (10.516), Американски колеџ (11.822) и Европски универзитет (16.057).
„Вебометрикс“ рангира околу 20.000 универизтети во целиот свет. Тој функционира при Универзитетот за научни истражувања во Шпанија, креирајќи ваква ранг-листа секоја година. Критериумите според кои се прави анализата се географската големина на универзитетите, присутноста во академскиот свет, објавени научни трудови и број на академски работници внатре во универзитетот.
Целата ранг-листа е достапна на следниот линк.