„Вечери на женски права“ по деветти пат

Синоќа, во киното „Фросина” во МКЦ, по повод меѓународниот Ден на жената, 8 Март, по деветти пат се одржаа „Вечерите на женски права“ под мотото „Сега е моментот – сите за родова еднаквост!“

На самиот почеток публиката ја поздравија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој истакна дека борбата за родова рамноправност е „секојдневна битка, битка што секој од нас мора секојдневно да ја води”, и Доминика Стојаноска, раководителка на канцеларијата на телото на Обединетите нации за родова рамноправност и зајакнување на жените (ОН жени) во Скопје, која потсети дека го одбележуваме 8 Март за да им оддадеме признание и поддршка на сите активисти и активистки коишто неуморно и секојдневно се борат да ја искоренат дискриминацијата, исклученоста и неправдата.

По проекцијата на шпанскиот документарен филм „Граници и ветувања“, своите размислувања и приказни за феминизмот, еманципацијата, женскиот активизам и многу други теми, во разговор со Ана Јовковска ги споделија Лабина Митевска, Мерсиха Смаиловиќ, Ненад Марковиќ, Ана Бунтеска и Огнен Јанески, како и Елена Пренџова со својот слем-поезија перформанс, по што дружењето продолжи со бендот „Џун“ во холот на Кино „Фросина“ каде што публиката имаше можност да ја разгледа и изложбата „Признаените vs. невидливите жени“ составена од шведската изложба „Пионерските чекори во воведувањето на надворешна феминистичка политика“ и македонскиот „еквивалент“ во кој беа претставени невидливите жени од нашата историја.

Филмската продуцентка, актерка и феминистка Лабина Митевска, својата приказна ја заврши упатувајќи ја пораката „..да се поддржуваме и да одиме напред. Тука сме за да си подадеме рака. Ако ние жените не го правиме тоа, ниту еден маж нема тоа да го направи за нас”.

Активистката Мерсиха Смаиловиќ зборувајќи за тоа што значи да се биде успешна рече дека „успешна.. е секогаш да се биде автентичен, да се прифатиме онакви какви што сме, без потреба да се менуваме како што околината тоа го бара, силно да се залагаме за она во што веруваме и цврсто да застанеме зад тоа.”

Политологот и универзитетски професор Ненад Марковиќ размислувајќи околу терминот „машка жена” заклучи дека не е сигурен „која од овие особини кои ги красат овие три жени за кои ви раскажав, се машки особини, напротив… тоа се најженствените жени – тие се одважни, мали, експлозивни, бескомпромисни, со јасна визија, оној тип на жени кои не ја чекаат еманципацијата, ним еманципацијата им е во софтверот под дифолт.”

„Одбивам да бидам она што не сум, одбивам да бидам покорна, одбивам да молчам, затоа што јас сум Ана Бунтеска – жена”, рече поетесата Ана Бунтеска.

Разговорите завршија со Огнен Јанески кој заклучи дека е „важно да се избориме да сме еднакви, а не исти бидејќи истоветноста не е одлика на општеството кое што сакаме да го живееме, туку напротив да имаме еднакви можности, и сепак да бидеме свои во она што го правиме”.

Водејќи ги разговорите, Ана Јовковска потсети дека „борбата за женски права, женскиот активизам и борбата за родовата еднаквост подразбира рамо до рамо борба и на мажите и на жените”

Настанот за одбележување на 8ми Март, во рамките на Вечерите за женски права, беше организиран од UN Women канцеларијата во Скопје, Град Скопје и Институтот за човекови права, во соработка со Амбасадата на Шведска во Скопје.

Како дел од овогодинешните Вечери на женски права ќе биде организирана Недела на вечери на женски права (26-31 мај 2018) во Кинотеката на Македонија, проследена со дебати со ученици во средните училишта, за што наскоро ќе бидат објавени повеќе детали.