Вечерва отворање на изложбата САМО (ДО) ВЕРБАТА на Христина Тарабунова

Вечерва (14 октомври), со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде отворена изложбата САМО (ДО) ВЕРБАТА на Христина Тарабунова, која ќе биде изложена до 18 октомври. На изложбата ќе бидат претставени 12 нови и симболички дела, каде што извор на инспирација e главното и генералното верување во себеси и своите способности.

 Како што информираат организаторите, делата се претставени во релјефен стил со акрил техника на големи платна и носат длабока носталгичност, а истовремено зборуваат со самодоверба.

Појдовна точка на овој проект е создавањето на врска со самиот себе, нежно пријателство со немирот и барање лек за стравот . Главната цел на Тарабунова, како што вели, е да ја разбуди свеста кај луѓето и да ги охрабри самостојните уметници, но и да влијае врз таа деструктивна врска каде се дозволува да се повредуваат нашите лични граници, непокането да влегуваат и да излегуваат од нашиот интимен простор, не грижејќи се за емотивните повреди каде се губи нашата индивидуалност.

Христина Тарабунова позади себе има неколку колективни изложби меѓу кои и такви со хуманитарен карактер.