Јубилејното 45. издание на фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки“ започнува вечерва, 21 септември традиционално пред Центарот за култура во Битола. Во 19 и 15 часот ќе почне црвениот тепих, а од 19 и 45 церемонијата на свеченото отворање и проекцијата на Канскиот филм „Партенопе“ во режија на Паоло Сорентино, кинематографер Дариа Д’ Антонио. Филмот е во официјалната селекција КАМЕРА 300.
„Добитничка на специјалната награда ‘Златна камера 300’ за особен придонес во светската филмска уметност е истакнатата полска кинематограферка Јоланта Дилевска“, информираат од „Браќа Манаки“.
На свеченото отворање ќе биде врачена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) чиј добитникот е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.
„Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот тепих е поставен пред Центарот за култура. Градот го добива сјајот на Фестивал на филмска камера во чест на браќата Манаки и е подготвен за вечерашното отворање“, велат од фестивалот.
Додека пак, во недела на Широк сокак ќе бидат откриени ѕвезди на сите досегашни добитници на наградата Златна камера 300 која се доделува за животен опус со годината кога ги добиле почнувајќи од браќата Манаки.
„Двајцата – Јанаки и Милтон Манаки ќе добијат по една ѕвезда, кои утре (недела) во присуство на членови на нивното семејство ќе бидат отворени. Оваа своевидна ‘Патека на славните’ почнува од пред киното Манаки и оди кон Офицерскиот дом.
Годинава ќе бидат откриени 18 ѕвезди. Шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат на гламурозната свеченост на која секој ќе ја открие својата ѕвезда. Тоа ќе го направи и годишниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел. Ѕвездите се изработени од месинг со изгравирано име на кинематограферите лауреати и вградени во плоча од мермер, а дизајнерското решение е дело на компанијата ‘Божиновски’“, појаснуваат организаторите.
Во седумте фестивалски дена ќе се прикажат 65 филмски остварувања. Најавено е присуство на 300 до 450 гости, меѓу кои 17 мајстори на филмската камера кои, како што велат од фестивалот, за својата работа се закитиле со бројни награди од најпрестижните филмски фестивали и асоцијацијации.