Вечерва почнува 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.
„Во Киното Фросина, во Младинскиот културен центар, во 20 часот е црвениот тепих, а во 20.30 почнува церемонијата на свеченото отворање и проекција на филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, кој е во официјалната селекција за награда на Фестивалот“, информираат организаторите.
Годинашен добитник на наградата за особен придонес во светската филмска уметност е австрискиот режисер Улрих Зајдл, кој ќе присуствува на свеченоста и ќе ја прими наградата.
„Во текот на следните фестивалски денови програмата која изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни за нашата јавност ќе може да се проследи во Киноверзум во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела вода“, додаваат од таму.
Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе можете да се внурнете и во творештвото на нашиот лауреат преку филмовите од неговата филмска трилогија РАЈ или PARADISE.