Вечерва промоција на стихозбирката „Координати на болката“ од Александра Спасеска

„Координати на болката“ е втора збирка поезија на Александра Спасеска која ќе биде промовирана вечерва (15 јуни) во 19 часот во кафе-книжарницата „Илика“.

Промотор ќе биде Катерина Шекутковска која ќе разговара со поетесата, а стиховите ќе ги интерпретира актерката Александра Стојановска.

„Авторката храбро ги истражува маркатните сцени, интимните релации и важните човечки фигури од сопствениот живот, правејќи ја поезијата сцена на којашто се одвива рефлексијата на личното и колективното искуство. Спасеска во својата збирка гради мост помеѓу интимното и политичкото, помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом, а со тоа говори и репрезентативно за искуствата на цели едни генерации“, се вели во описот за книгата.

„Координати на болката“ во 2023 г. беше добитник на наградата „Антев златник“.

Поетесата Д.А. Лори за збирката вели: „(…) она што најмногу остава впечаток е дека Александра Спасеска храбро патува кон себеси; постојано се бори со стравот да биде разоткриена, разголена пред другиот и успева да ја добие таа битка, го победува стравот.“

Александра Спасеска (1984) живее и работи во Скопје. Таа е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка. „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации (2023).

За песната „Имало денови“ ја доби втората награда на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), што во соработка со Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ ја додели наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ за 2024 година. Застапена е во неколку антологии, а нејзините песни се објавувани во домашната и странската периодика. Има соработувано со неколку македонски автори како преведувачка и препејувачка.