„Омарнина што омалаксува“ е новата стихозбирка на младата поетеса Марија Велинова, што ќе биде промовирана вечерва (13 мај) во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“.
Збирката е во издание на „Пнв Публикации“. Промотор ќе биде Владимир Мартиновски, а вечерашниот настан ќе го модерира Јулијана Величковска.
„Марија Велинова низ лирските авантури навистина успева нешто за што се потребни обемни философски трактати да го изведе на лирски, елиптичен и сугестивен начин: преку поетските слики стиховите ни го предочуваат вечниот дијалог меѓу опипливото и апстрактното, видливото и невидливото, материјалното и умственото, покажувајќи ни дека постои ‘свето во световното / и духовно во материјата’. (…) Посебно суптилен слој од песните на Велинова е и дијалогот како со експресивните можности на македонскиот поетски јазик, така и со поетската традиција, а во прв ред лириката на Ацо Шопов, која е дискретно присутна во дел од нејзините највпечатливи остварувања“, пишува Мартиновски во поговорот кон поетската книга
Марија Велинова е студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Покрај оваа, автор е на уште една стихозбирка, „Разговорите што не можевме да ги имаме“. Во 2022 година ја претставувала Македонија на Интернационалната филозофска олимпијада во Лисабон. Учествувала на „Скопскиот поетски фестивал“, како и на повеќе поетски читања, меѓу кои: „Отскочна даска“, „Поетска епизода“ и „Добри гости“. Нејзини песни се препеани на српски јазик.