Граѓани од Битола вечерва излегуваат на мирен протест за враќање на Офицерскиот дом во трајно владение на Општината, јавува агенцијата Мета. Протестот закажан за 18:00 часот го организираат опозициските партии во Советот на општина Битола, со поддршка на граѓански организации и, како што велат, „сите слободоумни граѓани кои се против раскрчмувањето на културното наследство на градот“.
Опозицијата на 1 февруари достави до Советот барање за свикување вонредна седница, на која би се одлучило да се врати Офицерскиот дом во трајна сопственот на Општината, со забрана за отуѓување. Одговорот од владејачкото мнозинство го чекаат за 15 дена.
„Ги повикуваме сите битолчани да ни се придружат вечерва на мирниот протест пред Офицерскиот дом. Бараме од Владата да издвои пари од државниот буџет за реконструкција на објектот и да донесе одлука овој објект, како вреден и значен дел од културното наследство на Битола, да не се продава, јасно да се стави забрана за продажба“, вели Зоран Стојчевски, советник на СДСМ во Битола.
Опозициската ЛДП од Битола ги повика битолчани да бидат претпазливи на следните парламентарни избори, зошто не верува дека Греувски и „фамилијата“ се откажале од продажбата на Офицерскиот дом, туку дека изјавата на поранешниот премиер е само предизборен популизам.