Вечерва во Јуроп хаус во Скопје ќе се случи седмото издание на мултимедијалниот настан „Клинци“

Вечерва во просториите на Јуроп хаус во Скопје со почеток од 20 часот ќе се одржи седмото издание на мултимедијалниот настан „Клинци“.

„Во рамки на настанот публиката ќе има можност да проследи книжевно читање на кое ќе се претстават четворица млади автори и авторки, како и изложба од млада уметница“, информираат оттаму.

На книжевното читање со своја поезија и проза ќе се претстават Андреј Анѓеловиќ, Павлина Атанасова, Милена Неделковска и Нино Наумовски. Изложбата која ќе биде поставена е на Евгенија Трајковска.

Модератор на „Клинци“ е младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски, а настанот е во организација на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ – Скопје и Јуроп хаус Скопје.

Мултимедијалниот настан „Клинци“ е настан наменет за претставување на младинското културно творештво. До сега на „Клинци“ се имаат претставено над дваесетина млади книжевници и десетина уметници.