Меѓународниот саем на уметност „Ин Ситу“ ќе се одржи по петти пат од 13 до 15 септември во Младинскиот културен центар – Скопје.
На отворањето, закажано за вечерва во 21:00 часот, на платото на МКЦ публиката ќе има можност да проследи содржини од трите програмски категории на саемот: визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Овогодишната ликовна поставка на саемот е курирана од Ана Франговска, поставката за дизајн ја курира Драган Христов додека куратори на програмата за архитектура се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.
Годинава саемот ќе претстави повеќе од 60 автори учесници со потекло од 10 земји учесници, како и две предавања од областа на архитектурата на Фала ателје од Порто, Португалија и ФАКТ од Берлин, Германија.
Жири комисијата во која оваа година членуваат Небојша Вилиќ, Ана Ивановска Дескова и Мартин Штефенс (Берлин) ќе награди двајца учесници од ликовната поставка со учество на фестивалот за уметност „ 48 Stunden Neukölln“ .
По официјалното отворање е најавен диџеј сет на Зоки Бејбе и белградскиот диџеј 33.10.3402 – Ненад Марковиќ. Влезот е бесплатен, a саемот е од продажен карактер.