Со проекцијата на филмот „Итало“ од режисерката Алесија Скарсо, вечерва се отвора 10. издание на Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Филмот ќе биде емитуван во 19 часот во киното „Милениум“. Со тоа официјално ќе биде отворено уште едно издание на концептот на споделување искуства меѓу младите преку филм, култура, уметност и креативност, ќе завладее во Скопје на повеќе локации.
За годинешното издание пријавени се повеќе од 500 учесници од земјава, а најавени се и учесници од Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и Ирска.
„Скопје е град во кој дојдовме пред 10 години и овде ни е срцето. Се радуваме како фестивалот расте, и зад работата на возрасните во фестивалот, стојат стотици млади луѓе, кои учествуваат на фестивалот, не само на централниот настан во Скопје, туку и во сите други градови низ Македонија“, изјави директорот на „Џифони Експериенс“, Јакопо Губитози не денешната прес-конференција во Кинотеката на Северна Македонија.
Џифонците, како што информираат организаторите, освен што ќе гледаат филмови од поновата европска продукција, ќе учествуваат и на 11 работилници.
За јуниорите оваа година ќе има ликовна работилница со Моника Мотеска, музичка со Лада Шоптрајанова Петровска и филмска со режисерката Марија Џиџева.
Сениорите ќе можат да работат на работилници за фотографија и видеомонтажа во што ќе се одржуваат соработка со Институтот за комуникациски студии, за анимиран филм со Крсте Господиновски, стрип со Здравко Гиров и Давор Драмаќинин, дигитален дизајн со Ладислав Цветковски, а ќе имаат и филмска работилница со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.
За програмата настани отворени за публиката, организаторите го најавуваат гостувањето на авторите на стрипови, Серџо Џерази и Алесандро Билота од Италија што ќе биде утре (6 октомври) по повод Денот на италијанскиот стрип, а истиот ден ќе биде поставена и изложба на нивни цртежи.
Во сабота (8 октомври) ќе гостуваат Сергеј, Наталија и Мартин од импров групата НАСТАП, а ќе има и изложба на дела создадени во хармонија со природата во Македонија од Роберто Геци и Антонио Масаруто од Италија.
Следниот ден (9 октомври) ќе бидат прикажани првите две епизоди од новата серија „Генерација Бушави“, а потоа е најавено изненадување за присутните.
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во 19 часот и тогаш ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници.
„Џифони Македонија“ се реализира во поддршка на Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, како и од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.