Вечерва започнува 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“

Повеќе од 450 учесници од осум земји ќе бидат дел од 12. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ кој започнува вечерва во 19 часот во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио.

Фестивалот ќе се одвива на неколку локации, односно во Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“. Влезот е бесплатен, а настанот е отворен за широка публика.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција и 40-ина краткометражни и анимирани филмови се распределени во три натпреварувачки категории според возраста на учесниците, односно јуниори (6 до 9 одделение), кадети (прва и втора година средно) и сениори (трета и четврта година средно).

„Почнавме скромно пред 12 години и брзо сфативме колку на децата и младите им е важно да имаат ваков фестивал. Младите сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Се радуваме што многу деца пораснаа со нашиот фестивал, продолжуваат да работат на полето на филмот“, рече директорот на фестивалот Дарко Башески.

Во меѓувреме, Анастасија Јуруковска која е дел од организацијата на фестивалот и самата, со големо искуство на „Џифони“ и во Македонија и во Италија, вели дека една од најважните работи и придобивка на фестивалот е што младите учат да се почитуваат и да не се судат меѓу себе.

„За мене ‘Џифони’ е огромно искуство и затоа денес волонтирам и сакам да помогнам да вратам и да им го пренесам моето знаење на новите генерации“, вели Јуруковска.

Организаторите посочуваат дека од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се
запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот на филмот „Сонце мамино“, Коста Ѓорѓевиќ, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм.

„Ќе гостува режисерка од Ирска со свој краток филм, а меѓу џифонци ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ ќе биде прикажан во официјалната програма на фестивалот. Фестивалот „Џифони Македонија“ секогаш се труди да прикажува најдобар избор на филмови за младата публика и што е можно повеќе филмови за млади од регионот , па така оваа година покрај повеќето европски филмови имаме играни филмови од Србија, Црна Гора и Косово, а кратките филмови се од целиот свет“, велат од организацијата на фестивалот.

Во рамки на фестивалот, ќе се одржат осум креативни работилници што се реализираат со поддршка на Британскиот совет преку
проектот Edu Cuts, RYCO (Канцеларијата за регионална младинска соработка) преку проектот Creative YEES и Институтот за комуникациски студии преку проектот „Младите размислуваат“.

Менторите на работилниците, како што е најавено, се етаблирани режисери, уметници, музичари кои во тек на пет дена со младите
учесници ќе работат на развивање на нивната креативност и имагинација.

„Секој ден во рамките на фестивалот, во термините од 15.45 и 17 часот ќе се одржуваат Edu Cuts разговори во рамки на конференцијата на тема „Зајакнување на креативноста на младите“, на која ќе учествуваат млади успешни луѓе што ќе ги споделат своите искуства и визии. Ќе бидат споделени искуства од петте работилници што се одржаа во рамките на фестивалите партнери на овој проект во Србија, Босна и Херцеговина, Косово во изминатите неколку месеци“, велат од „Џифони“.

Младинската филмска продукција е главната нишка на конференцијата, па тука ќе бидат, како што велат, претставени разни младински иницијативи и работилници за снимање филмови од млади таленти како „Докуникулци“ на фестивалот „Македокс“, Teen Doc работилницата на фестивалoт „Интеракција“ од Србија, новата скопска филмска дружина „Аспирин продукција“, младата
режисерка Грета Торнтон од Ирска, македонскиот јутјубер, креатор и музичар Иван Ајнштајн и други.

На конференцијата ќе биде претставена и европската програма за филмска едукација CinEd во која членуваат 16 партнери од разни земји.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории но најважно за учесниците е што ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот.

И оваа година, во соработка со „Пакомак“, од „Џифони“ велат дека ќе ги мотивираат младите да бидат што повеќе екоосвестени, а заедно смислиле интересен предизвик за учесниците на „Џифони“ во грижата за почиста животна средина, со тоа што младите ќе ги одлагаат пластичните шишиња во вендинг-машините на „Пакомак“ и преку ЕКОМАК апликацијата ќе собираат поени. Сите собрани поени на учесниците на фестивалот ќе им бидат удвоени, а оној редовен учесник на фестивалот кој ќе собере најмногу поени, како награда ќе добие патување на фестивалот „Џифони“ во Италија.