Со претставата „Магбет“ од Српското народно позориште во Нови Сад вечерва (23 јуни) започнува деветтото издание на Битола Шекспир фестивал во Битолскиот народен театар.
Годинешното издание се организира под мотото „Судбината за играчка ме има“, а програмата предвидува филмски проекции, концерти и танцови претстави.
Денешната изведба на „Магбет“ во режија на Никита Миливојевиќ ќе биде во 20:00 часот.
Утре (24 јуни) во 19 часот ќе се емитува документарниот филм, ретроспектива „Во чест на великанот Шекспир“ од Лилјана Спировска, а Скопскиот танцов театар на 25 јуни во 20 часот ќе ја изведе претставата „Леди Магбет“ во режија на Рисима Рисимкин.
„’Лејди Магбет’ на Рисима Рисимкин се занимава со психолошкиот профил на насловниот лик. Тоа е интимна историја, слики и скици за дилемите на постоењето. Главниот лик е Лејди Магбет, која игра клучна улога во доаѓањето на нејзиниот сопруг на власт. Преку психолошка анализа на нејзиниот лик, прикажана е борбата за моќ и контрола, како и нејзиното лудило, поради неможноста да се справи со направеното“, се вели во описот.
На годинешното издание ќе гостуваат и студентите по актерска игра на Универзитетот Еуропа Прима. Под менторство на професорот Дејан Пројковски тие на 26 јуни ви 20 часот ќе ја одиграат претставата „Шекспир караоке реквием“.
На 28 јуни во периодот од 12 до 14 часот ќе се одржи работилницата за деца „Шекспир -Мекспри, изводење по Шекспир“ со драматургот Билјана Крајчевска.
Фестивалот ќе се затвори со Концерт на Maria João и „OGRE electric quartet“ од Португалија, а ќе гостуваат Огнен Дранговски, Славчо Јовев и Музичари од Камерен Оркестар на Битола IWConnect. Концертот ќе се одржи на 29 јуни од 20 часот.