Вечерва започнува „Омнибустопија 6“

Вечерва, 3 ноември, започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал „Омнибустопија“ со промоција на Монографија изработена во сито печат, разговори со „Партизанска штампа“, инсталација и концерт на „Намуз“, со почеток од 20 часот во Котур.

Целосната програма, велат од „Анксиома“, претставува своевидна рекапитулација на активностите на здружението во последните 12 месеци, но и антиципација на она што ќе следува во догледна иднина.

„Тоа значи дека музиката, повеќе од кое било претходно издание на ‘Омнибустопија’, ќе биде во преден план. Ќе имате можност да проследите несекојдневни концерти, изложба, разговори и работилница“, посочуваат оттаму.

Монографијата е изработена од колажи од улични плакати собирани во Скопје, Виена и Братислава, од ноември 2023 до февруари 2024 година и претставува коиздание на „Аксиома“ и „Партизанска штампа“. Разговорот ќе биде со Билјана Димитрова, Милош Стојановиќ, Дамјан Илиќ и Јован Гаковски од „Партизанска штампа“ со Владимир Лукаш. Исто така, ќе има и изложба/инсталација на метаколажи.

Музичкиот дел ќе го отвори дуото „Намуз“, а тоа се Андреј Татарчевски на електрична гитара/ефекти и Кристијан Новковски на тапани.

Фестивалот ќе трае до 6 ноември.

Погледнете ја целосната програма овде:

„Омнибустопија 6“ од 3 до 6 ноември