На овогодинешните Олимписки игри ќе се натпреваруваат 10.500 спортисти од 206 земји во 32 спортови, 329 дисциплини и на 35 арени.
Париз од 26 јули до 11 август ќе биде домаќин на Летните олимписки игри по трет пат во историјата, 33-ти по ред, точно еден век откако последен пат беше домаќин на најдобрите светски спортисти на игрите во 1924 година, пренесува Ал Џазира Балканс.
Во споредба со претходните игри, на овие Олимписки игри ќе има уште четири спорта.
Иако некои натпревари веќе започнаа, игрите официјално ќе бидат отворени вечерва. За прв пат свечената церемонија нема да се одржи на стадион, туку на отворено – на реката Сена. Организаторите ветија спектакл каков што досега не е виден.
Речиси 85 пловни објекти ќе превезуваат повеќе од 7.000 спортисти во шест километри долга поворка во срцето на Париз. Поворката ќе помине покрај катедралата Нотр Дам и многу знаменитости на француската престолнина и ќе се приближи до Ајфеловата кула.
Церемонијата ќе започне во 19:30 часот по средноевропско време и ќе трае три часа и 45 минути.
Попатно, речиси 80 огромни екрани ќе ја пренесуваат церемонијата во живо, додека голем број музички, танцувачки и други придружни настани се планирани на церемонијата, како и пловечка парада на уметници и настапи на танчери на покривите на зградите долж Сена.
Церемонијата ќе го следат најмалку 80 шефови на држави и влади, а повеќе од 300.000 луѓе ќе го следат настапот од брегот на реката, соопштија организаторите.