Во киното Милениум вечерва со почеток во 19 часот ќе биде свечено затворен 5.Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија’’ кој во Скопје се одвива од 18 октомври.
„Во магијата на киното“ е темата на неговото годинешно издание на кое учествуваат над 700 млади од 12 држави на возраст од 10 – 18 години (јуниори, кадети и сениори) кои по одгледаните 15 играни филмови од официјалната конкуренција како и на многу други кратки и документарни филмови, како членови на жирито ги одбраа најдобрите во секоја категорија. Вечерва ќе бидат објавени имињата на најдобрите филмови во секоја од предвидените категории, а ќе бидат соопштени и имињата на учесниците кои ќе го претставуваат „Џифони Македонија“ на фестивалот „Џифони Експириенс“(„Giffoni Experince“) во Италија во 2018 година.
Петтото издание на „Џифони Македонија“ вклучуваше и 11 работилници за филм, театар, музика, танц, повеќе придружни активности, концерти и др. а се одвиваше во Кинотека на Македонија и во Младинскиот културен центар.
На свеченото затворање ќе бидат претставени делата кои го создадоа младите учесници на работилниците. Дел од создадените дела од најмладите учесници ќе се продаваат по симболична цена, а собраните средства ќе се предатат на Домот за деца без родители “11Октомври“.
Директорот и основач на „Џифони Експириенс“, Клаудио Губитози и претседателот на фестивалот Пиетро Риналди деновиве потврдија дека на фестивалот во италијанскиот град Џифони, во 2018 година ќе се зголеми бројот на учесници од Македонија за уште 4 млади учесници. Поддршка во реализацијата на 5.„Џифони Македонија“ дадоа Агенција за филм на Република Македонија, Министерство за култура, Министерство за образование и наука, Кинотека на Република Македонија, Италијанската Амбасада во земјава, Младински културен центар, Македонски народен театар, Град Скопје, Општина Карпош и Општина Аеродром.