Вечерва завршува патувачкиот фестивал „Културен амалгам“

Затварачкиот настан на првото издание на патувачкиот фестивал „Културен амалгам“ ќе се случи вечерва во салон Империјал 2 во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје со почеток од 18 часот.

„На настанот ќе имаме прилика да се сретнеме со уметниците кои учествуваа на фестивалот, режисерот на филмовите ‘Митот за Сара’, ‘Мангава диско панк’ и ‘Долу од рајот’ Саша Станишиќ и авторот на изложбата ‘24’, Никола Јовановиќ“, велат од КИЦ.

Присутните ќе имаат прилика да разговараат со авторите и да им постават прашања во врска со нивната работа.

„На настанот накратко ќе се осврнеме и на искуствата од оваа мини уметничка турнеја и за плановите за следното издание“, додаваат оттаму.

„Културен амалгам“ започна на 23 јули во КИЦ, а продолжи да патува низ сродните установи низ Македонија како Домот на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово, „Спомен Куќа Тодор Проески“ во Крушево и Културно информативниот центар во Битола.

„Во својата основа фестивалот имаше за задача да отвори врати кон вистинска и коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка и градење на културна свест во различни средини низ различни градови. Соработката на Културно информативнит центар – Скопје со останатите центри, преку меѓуинституционалниот и мултимедијален фестивал постави темел за понатамошно аплицирање на истиот и низ останатите градови низ Македонија“, појаснуваат организаторите.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам.