„Вечнеење“ – изложба на Никола Пијанманов во четврток во КИЦ

Самостојната изложба „Вечнеење“ на уметникот Никола Пијанманов ќе се отвори на 7 ноември, четврток, од 20 чаот во Империјал 1 и 2 во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Како што пишува во најавата, на изложбата се поставени дела од тригодишно истражување за човекот кој чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет.

„Човекот заробен во состојба на бесконечното исчекување. Изложбата ги поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа е осаменоста и кревкоста на поединецот, човекот во распаѓање и слободен пад – човекот клекнат пред ѕидот и машината на суровиот либерален свет кој ја гази човечката слобода и личност повеќе од било кои времиња во историјата. Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајните транзиции на корумпирани општества и системи. Слабиот човек душевно и телесно заробен во чекалниците на Европа, напуштените предели, села и населби, оттуѓените семејства и епидемијата на разделби. Контрастот и единствениот излез е претставата на човечката фигура во чудесните предели на восхитувачката природа. Во тоа опкружување сликите добиваат мистично и екстатично значење“, стои таму.

Додека, рецензентот на изложбата Емил Ниами ќе напише во текстот од каталогот дека „сето ова наведува на една друга размисла, а тоа е гледањето на уметноста низ призма на уметникот, а не како чисто ликовен елемент. Она што навистина воодушевува во неговото поново творештво е тоа што е апсолутно очигледно дека Никола не слика, туку го живее сликањето. За него сликањето не е само процес, туку и начин на живеење, начин на размислување, приближување и оддалечување, нешто во коешто тој не само што ги предава нештата, ами се предава и самиот себеси, односно и тој станува дел од сопствената уметност. Ова би можело да се противоположи на тетоважите – доколку тетовирањето е сликарство на кожата на човекот, сликите на Пијанманов претставуваат платна со човечки елементи“.

Изложбата ќе биде поставена во двата салони на КИЦ во Скопје.