Под мотото „Револуција која почнува во твојата чинија, за права на животните!“, ќе се одржи четвртото издание на фестивалот Вегефест. Целта на фестивалот на кој се промовира веганската исхрана е да се насочи вниманието кон најобесправените, речиси невидливи суштества – фармските животни.
„Секојдневно искористувани, свирепо убивани за храна, мода и профит, лишени од слобода и од можност нормално да живеат според карактеристиките на својот вид, овие сетилни битија во модерното конзумерско општество се сведени на продукти и предмети, безгласни робови на кои им е одземено достоинството, одгледувани и размножувани во ужасни услови, деградирани до болка, со една единствена цел – свирепа непотребна експлоатација. Ние можеме да живееме поинаку“, посочуваат организаторите на Вегефест.
Тие повикуваат на сочувствителност, хуманост и разум, за да му се даде шанса на животниот стил без насилство, почнувајќи од својата исхрана.
„Со овие мали чекори можеме да направиме големи и значајни промени за подобро на сите: животните, луѓето, екосистемот и планетата земја. Нашиот апел до секој еден е да не биде пасивен конзумент и да го бојкотира и осуди насилството врз животните со тоа што ќе ѝ даде шанса на веге исхранат.“, додаваат од Вегефест.
Фестивалот ќе се одржува во хотелот Континентал, во недела(15 ноември), со почеток во 11 часот.