Велешки активисти згрижуваат улични животни во импровизиран стационар

Виктор Мазнев од Велес уште од најрана возраст згрижува животни од улица, носејќи ги во својот дом каде ги храни и негува. Подоцна, тој решил својата борба за заштита на правата на животните да ја преточи преку своите активности во Здружението „Гласот на животните“.

Мазнев секојдневно го посетува импровизираниот стационар кои тие сами го направиле и се ангажира околу нивното одгледување. Нивната цел е да ги тргнат животните од улица, но како што вели тој, некогаш се случувало дел од животните да чекаат дом и по четири-пет години.

„Порано ги чувавме по дома и имавме далку помал број на животни. Денес иако имаме стационар, се уште имаме животни по дома. Бројката е над 100 со оние во азилот, по дома, во пансион и болните кои се сместени во ветеринарна клиника“, објаснува Мазнев за Радио МОФ.

Тој вели дека на ваков чекор не можеш да се решиш, туку едноставно љубовта и сочувството кон животните те привлекуваат.

„Тешко е. Кога ќе споделиме на Фејсбук за помош од привремен дом, никогаш не се јавува некој што би го причувал барем додека прими вакцини за да можеме да го земеме подоцна во стационар“, раскажува Мазнев.

Поради тоа, обично се принудени да плаќаат пансиони, додека за храна и финансиски средства им помагаат хумани граѓани.

Во згрижување на животните активно се вклучени шест луѓе и неколку волонтери. Тие имаат добра соработка со општината, вели Мазнев, од каде досега не ги одбиле за финансиска помош. Тој посочи дека годинава заеднички треба ги разгледуваат опциите за решавање на проблемот со бездомните животни.

„Предходната зима тешко ја поминавме, сега уште од лето се спремаме за оваа што следува со изградба на нови куќички, покриени делови и места каде можат да се засолнат“, се потсети Мазнев.

Во моментов, тие се грижат за над 100 кучиња и околу 30 мачиња. Појаснува дека немаат точна бројка бидејќи секојдневно си одат едни, а доаѓаат други.

„Еден  ден во  стационарот можам да го опишам со три збора. Забавен – кучињата и нивните лудории кои можат да направат да се смееш до солзи. Исполнет – добиваш неограничено ниво на позитивна енергија и љубов. Уморен – поради секојднвните потреби од чистење, хранење, дезинфекција, терапирање, шетање, социјализација“, вели Мазнев.

Сепак, едно од клучните решенија за проблемот со уличните животни, Мазнев го гледа во нивното вдомување.

„Најдобро решение е масовната стерилизација, подигање на свеста кај луѓето и поголеми казни за оние кои напуштаат миленик или пак не се грижат за потомокот на своите миленици“, смета тој.

Велешките активисти во изминативе пет години успеале да вдомат над 2000 животни, во државата и надвор од неа.

Е.П.