По 47 години членство, Велика Британија од полноќ повеќе не е земја-членка на Европската Унија.
Расположението во Лондон вечерва е поделено. Од една страна, приврзаниците на ЕУ организираа поворка за да се збогуваат со Унијата, додека приврзаниците на Брегзит се собраа на плоштадот ,,Парламент” да прослават.
Неколку часови претходно, знамињата на Велика Британија, што беа покрај знамињата на ЕУ и другите земји-членки, беа отстранети од европските институции во Брисел и Стразбург, а европското знаме беше симнато од пред постојаната британска мисија во ЕУ.
Брегзит беше во центарот на британската политика речиси четири години по референдумот кој се одржа на 23-ти јуни 2016 година.