Вело-бус утре повторно низ Општина Центар

Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје и Општина Центар утре (петок) повторно одганизираат вело-бус низ Дебар Маало.

„Децата, заедно со возрасните, ќе возат низ населбата, ќе се чекаат на 5 вело-бус постојки низ населбата и заедно, безбедно, ќе стигнат до градинката 13 Ноември и основното училиште ‘Коле Неделковски’“, велат од „Гоу Грин“.

Од таму нагласуваат дека по четирите успешни возења на вело-бусот низ Кисела Вода, Гази Баба, Дебар Маало и Аеродром, „Гоу Грин“ повторно соработува со Општина Центар за уште еден круг безбедно возење со деца од нивните домови до нивното училиште или градинка.

„За таа цел ги покануваат сите деца и родители овој петок да им се приклучат од 7:30 до 8:00 часот на возењето низ Дебар Маало. Место на чекање е пред бараките на Општина Центар“, соопштува Здружението.

Рутата по која ќе вози вело-бусот и на која ќе ги собира дечињата од постојките може да се погледне ТУКА.

Радио МОФ веќе правеше видео за првиот вело-бус во Центар, чија цел беше да ги натераат жителите да ги сменат своите навики и децата да доаѓаат на школо со точак. Второ, родителите да видат дека не е толку страшно да ги однесат со точак во училиште, наместо со кола, па после да продолжат на работа. Трето – институциите, општината, школите, да видат кои се условите за возење велосипед, а притоа Министерството за транспорт да донесе правилник кој ќе ги принудува сите наредни градоначалници да мора при секоја реконструкција да внесуваат и велосипедска инфраструктура.