Безбедноста на велосипедистите, како една од најранливите групи учесници во сообраќајот, бележи трендови на влошување, покажува статистиката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, која го посвети мај за месец на велосипедистите, пренесе МИА.
Од почетокот на годинава во Македонија загинал еден велосипедист, а 29 се повредени. Лани од вкупно загинатите 198 лица во сообраќајот 11 се велосипедисти, а 302 се повредени. Во 2012 се регистрирани 13 жртви велосипедисти и 365 повредени.
Според портпаролот на РСБСП, Тоше Јанев, најголем проблем е релативното непочитување на сообраќајните прописи од страна на велосипедистите, но и непочитувањето на нивната ранливост од страна на другите возачи. Во однос на инфраструктурата, посочи, голем проблем е тоа што таму каде што има велосипедски патеки се користат за паркинг, поради што полицијата треба да санкционира, а општините да ги расчистат непродоните патеки.
– Безбедноста е на стабилно просечно ниво, но има многу простор за подобрување, оцени Јанев.
Од РСБСП со велосипедските здруженија иницираат промени на законската регулатива за задолжително носење заштитна опрема, а ќе спроведат и повеќе активности за подигање на свеста за безбедноста на велосипедистите во собраќајот. Неопходно е, сметаат, повисока свест од сите учесници во сообраќајот, и велосипедистите, и пешаците и возачите.
Сашко Ванчовски, генерален секретар на Велосипедската федерација на Македонија, рече дека измените кои се предложени во законот за задлжително носење заштитна кацига и опремување на велосипедите со рефлектирачка опрема се во правец на заштита на велосипедистите што е потребно во сообраќајот во Македонија.
Во соработка со повеќе институции и здруженија РСБСП покрај делење флаери, плакати и друг едукативен материјал, ќе организира манифестации „Сите на велосипед“ во повеќе градови, како и натпревари во возење велосипед. Целта е покрај безбедноста, да се поттикне возењето велосипед, како економски, енергетски и еколошки најодржлива форма на сообраќај, пренесе агенцијата МИА.